ОД МАЛ СИ ИГРАМ СО ЧЕТКАТА И БОИТЕ, ВЕЛИ 12-ГОДИШНИОТ ПЕТАР МИЛЕВ, КОЈ ВО ШТИП ЈА ОТВОРИ ПРВАТА ИЗЛОЖБА

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Штипјанецот Петар Милев, ученик во шесто одделение во ОУ „Димитар Влахов“, ја отвори својата прва самостојна изложба. Во фоајето на Домот на културата „Ацо Шопов“, Милев се претставува со 30 акварелни композиции кои предизвикаа големо внимание кај штипската публика.

„Најмногу сакам да цртам пејзажи, помалку мртва природа, а најмалку портрети. Уште како мал сакав многу да цртам, најмногу со акварелни и дрвени бои. За една слика ми се потребни 6-7 часа ефективно цртање“, вели младиот Милев.  

 

„Петар од малечок наместо со играчки своето слободно време најмногу го поминуваше со блокче и дрвени боички. Пред четири години, кога во училиштето го открил и сликањето со водени бои, ги изработил своите први слики во акварел“, велат неговите најблиски роднини.

Најмногу сакам да цртам пејзажи, вели Петар Милев (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

На девет години станал член на сликарското ателје „Колорис“ во Штип и е прв ученик на оваа ликовна школа за млади.

 

„Покрај талентот, младите сликари од мали нозе треба да имаат и голема волја за работа, да бидат упорни и да се трудат да црпат искуство ако сакаат да успеат во тоа што го сакаат, а со такви квалитети и карактеристики располага и малиот Петар“, вели менторот и раководител на ателјето, Боре Минов.

 

Т. ЈОВАНОВСКИ