ПРЕМИЕРА НА „ХАЈДИ“ ВО ТЕАТАРОТ ЗА ДЕЦА И МЛАДИНЦИ, НАМЕНЕТА Е ЗА ПУБЛИКА НАД ШЕСТ ГОДИНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Утре (6 jуни) од 19 часот, во Театарот за деца и младинци во Скопје ќе се игра премиерата на претставата „Хајди“, работена според романот на Јохана Шпири. Режијата е на Драгана Гунин, а драматизација на Драгана Лукан-Николоски. Претставата е наменета за децата над шест години. 

„‘Хајди‘ е приказна за надежта и пријателството, за убавината на природата и чувството на слобода која таа ни ја дава. И покрај тоа што станува збор за приказна која се случува во едно друго време, ‘Хајди‘ ни зборува за основните чувства и потреби на децата, а со тоа и на сите луѓе. Со ова ново читање се обидовме да го ослободиме делото од сите нишки кои на денешните деца би можеле да им бидат далечни и да ја прикажеме сликата за искрено и чисто пријателство вгнездено во чистата природа“, велат од ТДМ.

Во претставата играат Ангела Димитрова, Петар Стојанов, Наташа Петровиќ, Владимир Лазовски, Ана Левајковиќ-Бошков и Изабела Новотни. Музиката ја напиша Ади Имери, костимографијата е на Елена Вангеловска, а сценографијата на Кирил Василев.

(Фото: ТДМ)