ЕДИНСТВЕНИОТ АЛБУМ НА „БАСТИОН“ ЌЕ БИДЕ РЕИЗДАДЕН ПО 35 ГОДИНИ, ПРОМОЦИЈА НА 9 МАРТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Единствениот албум на култната скопска електро-поп група „Бастион“ ќе биде реиздаден 35 години од неговото оригинално објавување.

Наречен едноставно „Бастион“, тој одново ќе се најде во продажба од 16 март, но ќе може да се купи уште една недела порано, на промоцијата што ќе се одржи на 9 март во Младински културен центар во Скопје, со почеток во 21 часот. На настанот ќе бидат присутни и членовите на бендот.

Снимен во 1983, а издаден една година подоцна од „ПГП-РТБ“, „Бастион“ остана единствен снимен документ за кратката соработка на пејачката и актерка Ана Костовска, музичарите Кирил Џајковки и Љубомир Стојсављевиќ и филмскиот режисер Милчо Манчевски, кој е автор на текстовите на осумте песни.

„И 35 години подоцна, ‘Бастион‘ останува една од најизненадувачките плочи што некогаш излегле во Источна Европа и таа и денес звучи свежо и возбудливо“, се вели во најавата на промоцијата.

За повторното издавање на албумот е заслужна издавачката куќа „АЦЦ рекордс“, зад која стои Флора Питроло.