Автокомпанијата „Форд“ постави нов Гинисов рекорд, откако во Мадрид го закачи најголемиот билборд на светот.
Билбордот, на кој се рекламира новиот теренец „форд екоспорт“, е поставен на зградата Едифисио Еспања, која е осма највисока во Шпанија.
Со димензии од 5.265 квадратни метри, што е рамно на 20 тениски игралишта, и тежина од два тона, со него беше надминат претходниот рекорд, поставен во Даран, Саудиска Арабија, во 2014 година.
„Овој Гинисов рекорд е показател за креативноста што ја води нашата компанија. Пораката на ‘Форд‘ е ‘Оди подалеку‘ и тоа е она што сакавме да го постигнеме со нашата кампања за ‘екоспорт‘. Ова е извонреден начин пораката ‘животот е тука, каде си ти?‘ да се пренесе на што е можно повеќе луѓе“, изјави директорката на маркетингот на „Форд Еспања“, Елена Бургет.
По завршувањето на кампањата, билбордот ќе биде дониран на еден центар што вработува лица со посебни потреби, кои ќе можат да го искористат материјалот за свои проекти.