„Кроација рекордс“ од Загреб по 45 години го реиздаде култниот албум „Битанга и принцеза“ од „Бијело дугме“. За повторно миксање на албумот се користени оригиналните 24-канални ленти, кои биле внимателно чувани сите овие години во архивата на „Кроација рекордс“. Албумот се подготвуваше во студиото „Еби роуд“ во Лондон од Шон Меги, добитник на Греми награда за најдобар звук.
„‘Битанга и принцеза’ е еден од најдобро отсвирените, снимени и измиксани албуми во поранешната држава. Но, новите технологии носат нови можности, па ‘Битанга и принцеза 2024′ звучи почисто и поприсутно. Се обидовме да се држиме до оригиналниот звук“, изјави тон-мајсторот Горан Мартинац.
На новата верзија на албумот е вратен некогаш цензурираниот стих од песната „Ама е глупаво да го заборавиш нејзиниот број“ (Ала је глупо заборавит‘ њен број), а го содржи и оригиналниот омот, кој во 1979 се сметаше за вулгарен.
„На самата слика немаше ништо непристојно или вулгарно, само идејата беше провокативна. Бев пријатно изненаден од понудата на ‘Кроација рекордс’ повторно да учествувам во проектот со ‘забранетата слика’“, вели дизајнерот Драган С. Стефановиќ.
Од „Кроација рекордс“ велат дека гитарите на Бреговиќ се во преден план, а добро се слушаат и придружните вокали на македонската пејачка Маја Оџаклиевска.
„Дури и од денешна перспектива, албумот е едно од најинтересните остварувања во целокупната продукција на ‘Бијело дугме’. Јас лично го гледам како мое ултимативно достигнување“, изјави Жељко Бебек, првиот фронтмен на бендот.
Албумот официјално излегува на 15 јули.