ДРАГАН МИЈАЛКОВСКИ, НИКОЛА МИЦЕВСКИ И БИТОЛСКИОТ КАМЕРЕН ОРКЕСТАР ГОСТИ НА КОНЦЕРТОТ НА ЃОКО ТАНЕСКИ ВО ОХРИД

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Пејачот Драган Мијалковски, продуцентот Никола Мицевски и Битолскиот камерен оркестар ќе бидат гости на концертот на Ѓоко Танески во Охрид, во Античкиот театар в сабота (20 јули) од 21 часот.

Танески вели дека е среќен што по 30 години музичка кариера, ќе одржи концерт во Античкиот театар .

„Сум имал доста концерти и настапи во мојот град, но никогаш на Антички. Едноставно, коцките не се поклопиле, но дојде време да си ја исполнам и таа желба“, вели поп-пејачот.

На концертот, тој во оркестарска верзија ќе ги пее хитовите „Збогум најмила”, „Мој пријателе“, „Никогаш доста“, „Цветај расцветај” и „Јас ја имам силата“, која ја испеа на Евровизијата во Осло во 2010.

„Освен мои песни, ќе испеам и некоја староградска“, вели Танески.

Во тој дух се и неговите две песни „Една љубов имам“ и „Ти“, кои ги работеше со авторот Никола Мицевски.

Влезниците се продаваат преку мрежата на „МК тикетс“, а организатор на концертот е „Фреш унион“.