Вечерва (6 август) на Охридско лето, во предворјето на црквата „Света Софија“, во 21 часот ќе има промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски.
Јолевски е новинар кој професионалната кариера ја започнал во почетокот на 1980-тите во весникот „Млад борец“, безмалку истовремено со почетокот на студиите по новинарство на Правниот факултет во Скопје. Во 1990-тите се префрлил во Втората програма на Македонското радио, каде што бил новинар и водител на неколку контактни и музички емисии и паралелно со ова, четири години бил уредник-координатор на музичкото радио „Канал 103“, Во 1998 година ја има добиено Годишната награда на МРТВ.
Јолевски пишувал и за ревијата „Екран“ и за магазините „Рок“, „Време забаве“, „Македонско време“ и „Град“.
Има објавено две книги, „Радио“ и „Неправилен ритам – Приказни од современата македонска музичка сцена“ и за својата долгогодишна работа во новинарството лани ја доби наградата „13 Ноември“, што ја доделува Град Скопје.