СЕКОЈ ДЕН ВО ГЕВГЕЛИЈА МИ Е МАЛО ЧУДО, ВЕЛИ ВЛАДО ЈАНЕВСКИ ПРЕД КОНЦЕРТОТ ВО ОХРИД

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Владо Јаневски на 10 август од 21 часот ќе одржи концерт во Античкиот театар во Охрид. Вели дека е возбуден што по шест години повторно се враќа на местото кое за него има посебна магија. Од ноември лани до јануари годинава, тој распродаде пет концерти во Филхармонијата и имаше повеќе настапи низ Македонија.

„Мислам дека досега сум имал 3 или 4 концерти во Античкиот театар, во просек на секои 6-7 години му доаѓа ред. Последен пат бевме таму во 2018 со ‘Авалон‘, годинава сме со ‘Прагма продукција‘. Местото има посебна магија поради самата конструкција, безгрижна летна атмосфера, топли августовски вечери. Оние кои беа на минатиот концерт пред шест години знаат за што зборувам, на моите профили на Инстаграм и Фејсбук постојат фото и видеодокументација колку тогаш сѐ зрачеше со позитивна летна атмосфера, заедничко пеење рефрени и емотивен набој. А, овојпат, како бонус, ќе се сликаме сите заедно со публиката за потребите на спотот за најновата песна“, ни рече кантаворот.

Од концертот во Антички театар во 2018 (Фото: Приватна архива)

Сеќавајќи се на летувањата во Охрид, Јаневски вели дека неговите младешки приказни од Охрид не се ништо поразлични од чии било летни младешки лудории.

„Само љубов ни се врткаше низ глава и гради, се снаоѓавме како знаевме и умеевме да останеме што подолго во Охрид, ноќите најчесто ги претворавме во денови и нѐ осамнуваше на најчудни локации во градот и по плажите. Отприлика како во мојата макфестовска песна: ‘Алкохол, женски, мераци, смешки. Цел еден живот пред нас. Птици млади во лет, без банка во џеб – но во срца гори страст!‘“, вели Јаневски

Владо Јаневски е 30 години на музичката сцена, активен како автор и пејач и речиси сите песни му станаа евергрини. Вели дека нема посебни ритуали пред настап. Се труди што помалку да зборува тој ден и да се наспие претходната ноќ, а освен тоа, нема никакви посебни ритуали.

„Пред самиот концерт повеќе ги мислам бендот и публиката, сѐ да им биде таман за да уживаат и тие во моите песни“, вели Јаневски.

Пред повеќе од една година, тој од својот скопски Чаир, што го опеа во песната „Чаирска романтика“, се пресели во Гевгелија. Откако ја продаде куќата во Чаир, рече дека веќе не сака ништо да поседува и живее во изнајмен стан во Гевгелија.

Владо Јаневски последно одржа концерт во Антички во Охрид во 2018 (Фото: Приватна архива)

„Во Гевгелија ми е мирно и спокојно, три брзини побавно отколку што ми беше во Скопје и тоа е прекрасно. Секој ден ми е сличен: тренинг во теретана и еден оброк во ‘Фламинго’, еден-два филма, добра книга, ја истражувам околината на Гевгелија со мојот ‘нисан кашкаи’, навечер малку клавир и гласовни вежби и секој ден така. Уживам во таквото бавно животно темпо, иако некому може да изгледа досадно. Ама, јас сум среќен. Не е случајно што мојата најнова песна се вика ‘Прекрасен ден’, секој ден ми е како мало чудо, иако ништо чудесно не се случува“.

Јаневски се држи до неговото животно мото дека се живее секој ден одново и вели дека не ја планира далечната иднина.

„Не размислувам толку далеку, овие ‘златни години’ ме научија да го ценам денешниот ден и да не се заморувам со прогнози и планови. Сега моето мото е: Не е точно дека се живее само еднаш. Се умира само еднаш, а се живее секој ден одново“, кажа Јаневски.

М. ЏАРОВСКА

Фото: К. ПОПОВ