БЈЕЛОГРЛИЌ СО „ЛЕТ НАД КУКАВИЧЈОТО ГНЕЗДО“ НА 17 АВГУСТ ВО ОХРИД

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Претставата „Лет над кукавичјото гнездо“ на Београдско народно позориште на 17 август ќе игра во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид (21 часот) во рамките на Охридско лето. Во главната улога е познатиот актер и режисер Драган Бјелогрлиќ, а токму со неа тој се врати на театрската сцена во 2021. Во октомври 2022 претставата двапати играше во МНТ во Скопје.

Претставата е мрачна хумористична сатира за поединецот во репресивен систем, менталните институции и за слободата на духот. Драмата е напишана во 1962 и првата изведба била во 1963 на Бродвеј, со Кирк Даглас во главната улога.

Направена е според романот на Кен Кисеј и е во режија на Жанко Томиќ. Освен Бјелогрлиќ, играат Предраг Бјелац, Милан Чучиловиќ, Даниел Сич, Мима Караџиќ, Младен Совиљ, Јово Максиќ и други.