Хорот „Св. Петка“ вечева (25 август) во 18:30 часот ќе настапи на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука во Пелагонија.
Како што велат од Центарот за истражување на предисторијата, традиционално при крајот на ископувањата, заедно со Прилепскиот џез викенд, организираат концерт со цел да го афирмира локалитетот. Хорот ќе изведе вокална програма од средновековни и модерни композитори на духовна музика.
„Концертот претставува последна етапа од археолошките истражувања што се изведуваа на Врбјанска Чука во август. Овогодишните истражувања, а кои се одвиваат веќе 9.година по ред, беа особено плодни и реултираа со бројни нови откритија што ги надополнија сознанијата за оваа неолитска населба формирана пред повеќе од 8000 години. При ископувањата се откри цела нова градба, во која има масивна печка и систем на помали сандачиња за чување и обработка на житарици. Освен овие фасцинатни архитектонски остатоци, исто така се пронајдоа сликани садови, фигурини, жртвеници, антропоморфни модели, камени орудија и садови, што укажува на богатиот опус на материјална култура користена при секојдневните активности и обредите“, вели Гоце Наумов од Центарот.
Овие мултидисциплинарни истражувања, кои се во соработка меѓу стручњаци и студенти од Центарот за истражување на предисторијата, Завод и музеј – Прилеп, Германскиот археолошки институт и Универзитетот во Базел, продолжуваат и понатаму со кабинетски анализи на археолошките наоди и органските остатоци, а кои ќе се публикуваат и презентираат во повеќе научни списанија и меѓународни конференции. Теренските и кабинетските истражувања се финансиски подржани од Фондот за истражување и заштита на предисториските тумби од Германија, Германскиот археолошки институт и Универзитетот во Базел.
Фото: Р. Сотерас