СТОТИНА АКТЕРИ ОД ПОВЕЌЕ ТЕАТАРСКИ КУЌИ ЌЕ ДОЈДАТ НА ФЕСТИВАЛОТ ЗА ДЕЦА И МЛАДИ „МАЛИОТ ПРИНЦ“ ВО ШТИП

Штип, (СМАРТ.СДК.МК)

Над 100 актери од повеќе театарски куќи во Македонија од 16 до 19 септември ќе учествуваат на Театарскиот фестивал за деца и млади „Малиот принц“ кој 12. година по ред се одржува во Центарот на култура „Ацо Шопов“ во Штип.

„Фестивалот е наменет за деца и млади и според критериумите станува збор за претстави произведени меѓу двата фестивала и во нивните изведби, учесници треба да бидат најмалку 70 проценти, професионални актери. Дали во претставите ќе има и деца зависи од самите претстави, ако имаат потреба од некоја детска улога“,  вели в. д. директорката на Центарот, Кристина Атанасова-Арсова.

На 16 септември од 19 часот, Фестивалот ќе се отвори со претставата „Книголандија“ во продукција на домаќинот, Центарот „Ацо Шопов“ од Штип.

Наредниот ден во 12 часот ќе настапи Детскиот креативен центар при Младинскиот културен центар (МКЦ) „Касни- Порасни“ . Истиот ден во 19 часот ќе се прикаже претставата „Временските музиканти“ од Здружението за уметност и култура „Вабец театар“ од Битола.

На 18 септември Центарот за култура од Штип во 12 часот ќе реализира театарска работилница за изработка на маски, а вечерта во 19 часот, Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ од Куманово ќе је прикаже претставата „Волшебникот од Оз“.

Во истиот термин, но наредниот ден на 19 септември ќе се прикаже претставата „Приказни по телефон“ од Здружението за уметност и култура „Водолеј“ од Бугарија.

Атанасова-Арсова вели дека овој фестивал кој е со мотото „ И светлината на сенките“ има и друга поучна, хумана и едукативна димензија, па за целата млада публика ќе бидат обезбедени подароци, рачни изработки за домашна употреба.

Цената на билетот за секоја претстава е 100 денари.

Т. ЈОВАНОВСКИ