Ако го прашате Доналд Трамп, сите мексикански имигранти во САД се дилери на дрога, криминалци или силувачи. Но, тој заборави на една категорија во којашто Мексиканци моментално доминираат: режисери и филмаџии кои освојуваат оскари.
По триумфот на Гилјермо дел Торо со „Обликот на водата“ во неделата, неговиот колега и сонародник, двократниот оскаровец Алехандро Гонсалес Ињариту, се осврна на опсесијата на Трамп со „прекрасниот ѕид“, што очигледно никој не сака да го плати.
„Ќе изградиме ѕид комплетно направен од оскари“, порача Ињариту во интервјуто за весникот „Ел Паис“.
Во последните пет години, мексикански режисери четири пати беа наградени со оскар, почнувајќи од Алфонсо Куарон во 2014 година, по што уследија две победи по ред на Ињариту.
Истовремено, нивниот соработник Емануел Лубецки, кој исто така е Мексиканец, освои оскари за кинематографија за „Гравитација“, „Човек птица“ и за „Повратник“.
Во неделата, за најдобар анимиран филм очекувано беше прогласен „Коко“, кој зборува за мексиканскиот ден на мртви.
Изјавата на Ињариту совршено отсликува како мексиканските Американци ја добиваат културната војна против Трамп.
„Јас сум имигрант, како и многумина од вас и во последните 25 години живеам во држава на сите нас. Најдобрата работа што ја прави нашата индустрија е што брише линии во песокот. Мора да продолжиме да го правиме тоа и кога светот ни кажува тие да бидат подлабоки“, кажа Дел Торо, примајќи го оскарот.