БАРАК И МИШЕЛ ОБАМА ПРЕГОВАРААТ ЗА ТВ-СЕРИЈА СО „НЕТФЛИКС“

Лос Анџелес, (АП/Би-Би-Си)

Поранешниот американски претседател Барак Обама и неговата сопруга Мишел преговараат со компанијата „Нетфликс“ за снимање на ТВ-серија, објави весникот „Њујорк тајмс”.

Тие подготвуваат ексклузивна содржина за американската компанија, додаде весникот.

„Нетфликс“ и портпаролката на Обама, Кети Хил, одбија да го коментираат ова, додека Ерик Шулц, висок советник на поранешниот претседател, не ги потврди наводите, но рече дека имаат смисла.

„Поранешниот претседател и госпоѓа Обама веруваат во моќта на раскажувањето приказни, за да ја инспирираат јавноста“, изјави Шулц за весникот.

Не е познато колку пари ќе добие брачната двојка доколку се склучи договор.

Обама почна да се поврзува директно со јавноста преку социјалните медиуми. Тој има повеќе од 100 милиони следбеници на Твитер и 55 милиони фанови на неговиот Фејсбук профил.