„ВРЕМЕ НА БЕТОН“ ЌЕ ИГРА НА ФЕСТИВАЛИ ЗА ФИЛМ И АРХИТЕКТУРА ВО ПРАГА И ИСТАНБУЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Долгометражниот документарен филм „Време на бетон“ во режија на Игор Иванов на 29 септември ќе се прикаже на 13. Фестивал за филм и архитектура во Прага. Проекцијата е закажана од 14:30 часот во Националната галерија.

По проекцијата, предавање ќе одржат кураторите на изложбата „Ниедно чувство не е конечно: Колекција на солидарноста во Скопје”, реализирана во соработка помеѓу Кунстхале во Виена, Националната галерија во Прага и Музејот на современата уметност во Скопје.

Следната проекција на „Време на бетон“ ќе биде на 18. Интернационален фестивал на архитектонски и урбанистички филм во Истанбул, во организација на истанбулското одделение на Турската комора на архитекти. Проекцијата е закажана за 11 октомври од 18 часот и филмот ќе се натпреварува за една од фестивалските награди.

Снимен е по сценарио на Иванов и Томи Салковски. Автор на нарацијата која го води филмот е Ѕвездан Георгиевски, а наратор е Никола Ристановски. Соработници на сценариото се Мишко Ралев и Јордан Минов, изборот и изведбата на музиката е на пијанистката Дуња Иванова. Кинематографер е Ѓорѓи Клинчаров, монтажата е на Дејан Смилески, а дизајнот на звукот на Игор Поповски. Продуцент е Томи Салковски.