ЛИБАНСКИОТ ДИЗАЈНЕР ФУАД САРКИС, КОЈ СОРАБОТУВАЛ СО ЏЕНИФЕР ЛОПЕЗ, ЌЕ БИДЕ ВО ЖИРИТО НА МИС НА МАКЕДОНИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Дизајнерот од Либан, Фуад Саркис, кој има соработувано со Џенифер Лопез, ќе биде дел од жирито на изборот на Мис на Македонија за Мис Универзум, што ќе се одржи на 8 октомври во Националната опера и балет.

Во жирито ќе бидат и Стефан Пиес, актер кој живее и работи во Лондон, турската актерка со македонско потекло Ебру Дестан и македонскиот пластичен хирург д-р Роберт Стојовски.

Џенифер Лопез во фустан на Фуад Саркис (Фото: Редит)

Девојката која ќе победи на изборот меѓу 20-те финалистки, освен круната и годишен договор со модната агенција „Даман“ во вредност од 50.000 евра, ќе ја претставува Македонија на светскиот избор за Мис Универзум во Мексико на 16 ноември.

Лиценцата за организација на овој избор ја купи сопственикот на „Даман“, Шакир Села од Истанбул, кој е по потекло од Македонија, а национален директор е новинарот Зоран Василевски.

Ланската победничка за Мис Универзум беше Шејнин Паласиос од Никарагва (фото).