„ТАНЕЦ“ ЈА ЗАВРШИ ТУРНЕЈАТА НИЗ РЕГИОНОТ, ВО СИТЕ ГРАДОВИ БЕШЕ ПОЧЕСТЕН СО ОВАЦИИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонскиот државен ансамбл за народни игри и песни „Танец“ со успех ја заврши својата концертна турнеја низ регионот, со настапи во Подгорица (Црна Гора), Љубљана (Словенија) и Загреб (Хрватска).

„Секоја изведба беше поздравена со громогласни ракоплескања и стоечки овации. Публиката беше почестена со разновиден репертоар кој ги прикажуваше сложените ритмови и моќните изворни гласови кои на автентичен начин ги донесоа македонските напеви од постарата и поновата традиција“, велат од „Танец“.

Се играа изворните ора „Тешкото“, „Женско чамче“ и „Копачка“, кореографиите „Жетварка“, „Мариовска тресеница“, „Малешевка“ и „Радовишки собор“, како и неколку вокално-инструментални сплетови од оркестарот и хорот на „Танец“, со првенката Сузана Спасовска.

Иако во агендата на оваа балканска турнеја беше предвиден и целовечерен концерт во Бања Лука (БиХ), поради непредвидени технички причини беше откажан.