„МЕМОРИЈА“ НАЈАВИ „ЖЕНСКИ“ КОНЦЕРТ НА 16 НОЕМВРИ И ПРОМОВИРАШЕ НОВА ПЕСНА ВО СКА РИТАМ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Неколку пејачки ќе бидат гостинки на концертот на „Меморија“ закажан за 16 ноември во салата „Борис Трајковски“. На прес-конференцијата во Скопје, лидерот на бендот, басистот Петар Георгиевски-Камиказа, најави дека ова ќе биде женски концерт.

„Ќе гостуваат Ружица Милошевска-Брчиоска од групата ‘Ареа‘ и нејзиниот сопруг Ивица Брчиоски. Потоа, Андријана Јаневска ќе ги пее ‘Параходот’ и ‘Македонско девојче’, а гостинка е и Дани Димитровска. Во преговори сме и со една музичарка од Струмица која студира дувачки инструмент во Берлин, а би сакале уште една дама да свири на зурла и една на тапани“, најави Георгиевски.

„Меморија“ ја промовираше и новата песна „За добро да е“, која е во брз, ска ритам.

„Оваа песна е полна со позитива и се пее во еден здив. Главниот вокал е Ристо Самарџиев, а во рефренот пее цел бенд“, рече новинарот и некогашен член на „Меморија“, Антонио Димитриевски.

Автор на песната е новиот гитарист на бендот Рубин Димковски, а текстот го напиша Душко Темелковски, некогашниот пејач на прилепската група „Бен Хур“. Снимена е во студиото „Тра ла ла“ на Мите Димовски, кој заедно со Давор Јордановски ја изработи музичката продукција, а извршен продуцент е Петар Георгиевски-Камиказа.

Георгиевски најави дека новиот албум на „Меморија“ ќе се вика „Уморни херои“, ќе има девет песни, а треба да излезе неколку месеци по концертот.

М. ЏАРОВСКА