МАКФЕСТ И ГОДИНАВА БЕЗ НАГРАДИ, НАД 70 ПЕСНИ ПРИЈАВЕНИ ЗА УЧЕСТВО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Над 70 песни се пријавени на конкурсот за фестивалот Макфест, кој ќе се одржи на 25 и 26 октомври во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип. Од нив, на двете фестивалски вечери ќе се испеат 28 песни.

Исто како и лани, Макфест ќе има ревијален карактер. Првата вечер ќе настапат млади пејачи, а жири комисија и публиката во салата ќе ги одберат најдобрите шест, кои ќе настапат и втората вечер, заедно со познатите поп-пејачи. Списокот на песни и пејачи, како што велат од организацијата, ќе биде наскоро објавен.

„Оваа година имаме повеќе песни од изминатите години. За споредба ќе ја споменам 2022, откако оваа постава почна да го работи Макфест, кога имаше помалку од 15 пријавени песни. Тоа ни беше наследство од претходното раководство на фестивалот. Лани имавме 56 пријавени композиции, а оваа година над 70. Тоа се бројки идентични на периодот од пред 20-ина години, кога македонската забавна музика котираше многу подобро“, рече уметничкиот директор Роберт Саздов.

Организатор на фестивалот и годинава е Општина Штип, продуцент е Александар Арсовски, а член на уметничкиот совет е Јован Јованов.

Фото: Уметничкиот директор Роберт Саздов со Вера Јанковиќ, која лани по 10 години се врати како презентерка