Софиа Климентева од Украина, која е дете со оштетен вид, доби награда на меѓународниот фестивал „Песните на Тоше“ кој се одржа на 12 октомври во Националната опера и балет. Софија фантастично ја отпеа „Соба за тага“, и освои прво место во третата категорија.
На натпреварот победи фаворитот на многумина, Нела Манчевска од Македонија, а за најдобрите гласаа членовите на бендот на Тоше Проески. Петнаесет млади пејачи од неколку регионални земји и учесничката од Украина ги пееја најголемите хитови на Тоше, што беше убав повод да ги одржат во сеќавање и за младата публика.
Најповторувана песна беше „Тајно моја“, која се испеа неколкупати во текот на фестивалот, а на учесниците им е една од омилените и „Цреша“. Победничката Нела Манчевка ја испеа „За овој свет“, песната која Тоше ја сними во 2004, кога беше амбасадор на УНИЦЕФ и им ја посвети на децата.
Еден од највпечатливите настапи имаше Емина Бајтаревиќ од Босна и Херцеговина која има посебна техника на пеење, од стомак. Младата пејачка од БиХ настапува со кукла, а пее уште еден вокал во песната кој го претставува како да е на куклата. Секој од пејачите донесе свој печат во хитовите на Тоше.
Меѓу оние кои добија голем аплауз се и Маја Маринчиќ од Словенија и Никола Вукиќ од Црна Гора. Сите учесници добија награди или дипломи, поделени во пет категории.
Пред „Песните на Тоше“ се одржа детскиот фестивал „Ѕвездички“, кој е исто така интернационален. Детскиот фестивал донираше билети на децата од СОС Детско село. Двата фестивала ги организираше менаџерот Маријан Катароски од Прилеп.
М. ЏАРОВСКА