МОЖЕШ ДА БИДЕШ ЗАСЕКОГАШ МЛАД АКО САКАШ, РЕЧЕ ДАРИО, КОЈ ПО 26 ГОДИНИ СЕ ВРАТИ НА МАКФЕСТ

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Дарио доби најголем аплауз од сите учесници на Макфест по настапот во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип на 26 октомври. Кантавторот, кој 26 години не бил на Макфест, ја испеа „Засекогаш млад“, која ја напишал за себеси и за својата генерација, нарекувајќи се Петар Пан.

Штипската публика му ракоплескаше од почетокот до крајот на веселата песна, која брзо влегува во уво.

„Не можам да се сетам точно која песна ја пеев последно на Макфест. Не сакам многу фестивали, но Роберт Саздов ме убеди, генерациски, колегијално, па решив да дојдам. ‘Засекогаш млад’ е химна на генерациите кои се преку 50-60 години, а пораката е дека можеш да бидеш засекогаш млад ако сакаш. Текстот кажува сѐ. Како што се чувствуваш, таков си. Ова е позитивна песна, оптимистична. Не мора да значи дека ако некој наполнил 50 години, треба да оди во пензија и да не се сака себеси“, ни рече Дарио, кој во јануари наполни 61 година.

Тој се присети на неговиот прв настап на Макфест во 1986.

Дарио со уметничкиот директор на Макфест, Роберт Саздов и со продуцентот Кристијан Габровски (Фото: СМАРТ СДК.МК)

„Следната година е 40-годишниот јубилеј. Пеев на првиот Макфест со групата ‘Бон тон’. Првата пeсна беше ‘Старо купувам’. Значи, Макфест буквално почнал со мене. Би било убаво да дојдам следната година и повторно да го почнам фестивалот со ‘Старо купувам‘“, вели Дарио.

М. ЏАРОВСКА