ДЕЦА ОД 20 ГРАДИНКИ И ШКОЛИ ОД ТРИ ГРАДОВИ ВКЛУЧЕНИ ВО ПРОЕКТОТ „НАШАТА МАЛА БИБЛИОТЕКА“

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

Над 2.500 деца од 4 до 8 години од оваа учебна година се дел од проектот „Нашата мала библиотека“ на издавачката куќа „Прозарт Медиа“ од Скопје, како дел од поголемиот проект што етаблираната издавачка куќа во Словенија – „КУД Содобност“ од Љубљана го реализира веќе 16 години.

„Нашата мала библиотека“ веќе започна да се реализира во повеќе од 20 државни основни училишта и градинки од Скопје, Битола и Прилеп.

„Проектот е сеопфатен, се изведува интерактивно, со помош на книги за активности и сликовници, а се применуваат различни методи и активности за да се зголеми љубовта кон книгите, со цел да се едуцира генерација на доживотни читатели. Се надеваме дека на тој начин ја доближуваме книгата до децата“, вели Дејан Трајкоски, основач на „Прозарт Медиа“.

Во „Нашата мала библиотека“ се вклучени градинките „Корчагин“,„Орце Николов“ и „Мајски Цвет” од Скопје, како и училиштата: ,,Александар Македонски”, „Браќа Миладиновци“, „Лазо Ангеловски“, „Војдан Чернодрински“, „Петар Поп Арсов”, „Вера Циривири-Трена“, „Јан Амос Коменски“, „Кирил и Методиј“, „Вера Јоциќ“, „Григор Прличев“, „Мирче Ацев“, „Јоаким Крчовски“, како и „Св.Климент Охридски“ и„Стив Наумов“ од Битола, „Гоце Делчев“, „Круме Волнароски-Тополчани“, „Рампо Левката“ и „Кире Гаврилоски-Јане“ од Прилеп.

Децата добиваат тетратки со дополнителни активности дизајнирани да го мотивираат читањето на различни начини прилагодени за децата, наградни посети од автори и илустратори. На почетокот на проектот, учесниците добиваат книги за креативност со различни задачи поврзани со темите што се обработувани во избраните книги.

„Задачите се многу забавни, ја подобруваат креативноста и имагинацијата на детето, барајќи од негова страна детално набљудување и разгледување. Помалите деца, меѓу другите нешта, решаваат квизови, се движат низ лавиринти, готват и се справуваат со разни други задачи. На крајот од секој дел, децата можат да најдат задача со која можат да се натпреваруваат и како награда да добијат книга“, додава Трајкоски.