СО ЕЛЕКТРОНСКИ ОТПАД КАКО БИЛЕТ ЌЕ СЕ ВЛЕГУВА НА ГОДИШНИОТ КОНЦЕРТ НА МАНДОЛИНСКИОТ ОРКЕСТАР „СКОПЈЕ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Мандолинскиот оркестар „Скопје“ на 12 ноември ќе го одржи својот традиционален годишен концерт во Музејот на македонската борба од 20 часот. Како и лани, место билет, публиката ќе треба да донесе електронски отпад.

„И оваа година сакаме да ја развиеме еко-свеста со тоа што наместо да купите билет за концертот, можете да донесете потрошени батерии, стар ситен електронски отпад, телефони, кабли, монитори, компјутери. Заедно со ‘Нула отпад‘ се грижиме нашата животна средина да биде почиста и поубава за живеење“, велат од Мандолинскиот оркестар.

Ќе се свират дела од Бетовен, Вивалди, Бах, Мандонико, Мусоргски, Чајковски, Прокофјев, Креидлер, Коларовски, Тошевски и Хрисик. Диригенти се Рамадан Шукри и Ерхан Шукри.