ПО ЛОНДОНСКАТА КРАЛСКА ПРЕМИЕРА, „ГЛАДИЈАТОР 2“ ДОЈДЕ ВО СИНЕПЛЕКС

Лондон, (Скај/Ројтерс)

Ѕвездата на вториот дел на „Гладијатор“, Пол Мескал, изјави дека било огромно искуство да се биде дел од филмското наследство на режисерот Ридли Скот и дека би сакал повторно да снима со него.

Вчера во Лондон се одржа светската премиера на „Гладијатор 2“, на која присуствуваше и кралот Чарлс Трети, кој претходно одржа прием за филмската екипа во Бакингамската палата.

Дензел Вашингтон, Ридли Скот и Пол Мескал (Фото: Гети)

По цели 24 години од блокбастерот со Расел Кроу во главната улога, Мескал го глуми Луциус, кој се обидува да ја врати својата слобода откако моќните императори на Рим ќе го освојат неговиот дом. „Гладијатор 2“ содржи неверојатни сцени со борби направени со дигитална помош, вклучително и една во Колосеумот кој е преполн со ајкули.

„Дваесет години подоцна, Ридли има пристап до технологија која му овозможува да прави сѐ што може да помисли неговиот неверојатен ум“, рече Кони Нилсен, која се врати во улогата на Лусила.

Играат и Педро Паскал и Дензел Вашингтон.

Критиките за филмот генерално се позитивни, но многумина критичари рекоа дека не се совпаѓа со оригиналот.

Филмот од денеска (14 ноември) игра и во скопското кино Синеплекс.

(Фото: Гети)