Апостол Икономов-Поце се расплака на концертот на „Меморија“, сношти (16 ноември) во скопската сала „Борис Трајковски“ откако ја испеа песната „За тебе“, посветена на неговата сопруга која почина во мај по долга борба со рак. Тоа е само еден момент кој ќе се памети од јубилејниот концерт на бендот кој прослави 40 години.
Настапот на „Меморија“ почна со сплет од патриотски песни, со двајцата пејачи на сцената, Поце и Ристо Самарџиев, заедно со Андријана Јаневска. Добар потег е што хитот „Македонија“, го испејаа на почетокот, за од старт да се создаде весела атмосфера која траеше до крајот на концертот со повеќе гости. Уште еден впечатлив и емотивен момент е гостувањето на Филип Николовски, кој е од Прилеп, има 25 години и се движи со помош на количка.
„Тој избрал да го тера животот со песна. Вечерва тука пее со нас, а следно ние ќе одиме во Прилеп по кафулињата каде што настапува тој“, рече Ристо Самарџиев.
Песната „За добро нека е“, ја напиша новиот член на бендот, гитаристот Рубин Димкоски, а текстот е на Душко Темелковски, некогашниот пејач на прилепската група „Бен Хур“. Посветена му е на Филип Николовски.
Гости беа и Ружица Милошеска-Брчиоска со сопругот Ивица. Секоја изведба на хитот „Сите мои слики“ од „Ареа“ е полн погодок. На песната „Мотори“ од „Дивље јагоде“ пееја три пејачки заедно со Поце: Дани Димитровска, Андријана Јаневска и Сара Мејс како љубители на моторите, исто како и басистот и лидер на бендот Петар Георгиевски, познат како Перо Камиказа. Сара Мејс со настапот на харфа го збогати хитот „Оган под ѕвездите“. Баладата ја слушнавме уште еднаш во изведба на Симон Трпчески, виртуелниот гостин изненадување кој беше најавен претходно на прес-конференција.
„Дозволете ми да прочепкам по мојата меморија“, кажа Трпчески во видеото пред неговата пијано верзија на најголемиот хит на бендот.
Дани Димитровска беше и соло гостинка, со динамичен настап на нејзината песна „Што до тогаш“.
„Оваа песна ја напишав уште далечната 1985, кога бев во Америка, но не ми се допадна и се вратив. Во Македонија е поубаво“, рече Петар Георгиевски- Камиказа. „Ете како можело да се полни сала и на македонски музика“, додаде тој.
Една од песните кои ја израдуваа публиката е и хитот на Ристо Самарџиев „Таму кај што си“, во акустична изведба на гитара. Публиката од почеток до крај ја испеа победничката песна на Макфест од 1997.
„Дирлада“ дојде на крај, во придружба на дувачите „Блезери“ и очекувано се создаде највесела атмосфера, по што следеше „Оган под ѕвездите“ на бис.
„Меморија“ ентузијастички направи повратнички концерт во 2017, последен пред да го срушат Скопскиот саем. Потоа, во 2022 имаа уште еден во „Борис Трајковски“ и неколку низ Македонија. Полни со елан како на почетокот од кариерата, членовите на бендот најавија нов албум.
М. ЏАРОВСКА