Котон блуз фестивал ќе го одбележи своето петто издание со најквалитетната програма досега, што е изненадувачки за неговиот идеен творец, педијатарот Гого Паскалов, кој признава дека не очекувал дека ќе стигнат дотука. Фестивалот беше зачнат во првата година на пандемијата на ковид-19, денес нема никаква поддршка од државните институции, а сепак успева да донесе светски ѕвезди на блузот и да ги исполни своите цели. Така на 28 ноември во „Лабораториум“ во Скопје ќе настапат добитникот на Греми, Алвин Јангблад Харт и триото на Роб Тоњони, заедно со домашните блузери „Ин д муд“ и Михаило Митов.
„Искрено, не очекував дека ќе дојдеме дотука. Ни на сон не ми беше дека некогаш ќе го донесеме Алвин Јангблад, еден од најголемите живи претставници на делта блузот. Почнавме со публика од 50, сега имаме публика од 1.000 луѓе. Без разлика што почнавме на врвот на пандемијата, интересот беше слаб. Кога во третата година продадовме 200 карти, си рековме тоа е тоа, а лани имавме полн Младински културен центар. Оваа година за првпат имаме двајца хедлајнери. Јангблад го носиме директно од Њу Орлеанс и потоа си оди назад. Ќе има соло точка, акустична, делта блуз, така беше многу полесно“, вели Паскалов.
Фестивалот почна паралелно со формирањето на здружението „Блуз фамилија“ и Паскалов вели дека демократски одлучуваат кого да викнат на фестивалот.
„Реално, Сашо и Џими од ‘Ин д муд‘ се селектори. Гледаме што е достапно, па на состанок заедно одлучуваме. Јас сум врзан и со една од најголемите букинг агенции во Европа, ‘Мувинг мјузик‘ од Лондон и тие веќе знаат дека сме многу сериозни кога сакаме да поканиме некого“, рече Паскалов.
Фестивалот од самиот почеток има хумана нота, што, сепак, не е препознато од државата.
„Со пари се снаоѓаме преку спонзори, од Министерството за култура и од Град Скопје не добивме ништо ни лани, ни преклани. Нам ни е ќеф што сме еден од најголемите блуз фестивали во регионот, но треба да имаме малку повеќе поддршка од државата. Се трудиме, викаме ѕвезди, не бараме ништо за нас, сѐ донираме. Лани купивме мобилен ЕЕГ апарат за КАРИЛ, оваа година ќе ги донираме парите од влезниците за Детска онкологија“, најави Паскалов.
И покрај пречките со просторот за одржување и финансиите, тој најавува дека фестивалот ќе се шири и ќе биде уште поамбициозен.
„Ќе вклучиме и издаваштво и ќе почнеме да издаваме албуми преку нас. Годинава имаме промоција на два миниалбума, на ‘Ин д муд‘ и на Иги Ман, првата ќе биде концертна, втората слушачка. Сакаме да направиме и регионална организација, па да имаме постојана соработка, да се направат и други фестивали во регионот со наша поддршка, да се спои менаџментот и да се разменуваат бендови“, посакува Паскалов.
Г. КОНЕВ
Фото: М. Аргакијева/Фејсбук