Најубавите поп и рок класици ќе ги свири Националниот џез оркестар на концертот на 30 ноември од 20 часот во Филхармонијата, најави на денешната прес-конференција директорот на оркестарот Гоце Стевковски.
„Ова ќе биде еден гламурозен концерт со прекрасни аранжмани кои се купени од Пол Енка. Гостите кои ги поканивме како вокали се сите со свои карактери и не случајно избрани“, кажа Стевковски.
На концертот насловен „Golden Rock Swings” гости се Бранислав Николов од групата „Фолтин“, Џон Илија Апелгрен и Светлана Јовановска. Апелгрен најави дека секој од нив ќе испее по четири песни.
По долго време, Националниот џез оркестар ќе одржи концерт во Филхармонијата, откако претходно свиреше во Националната опера и балет и Македонскиот народен театар.
Стевковски рече дека според негова проценка, просториите планирани за оркестарот во Операта треба да бидат готови до мај или јуни.
„Останува уште да се стават акустични панели за да можеме да правиме проби. Немам официјална информација, но моја лична проценка е дека ќе биде мај или јуни, по некоја логика. Оркестарот во моментов има проби во Операта, а кога свириме низ Македонија, ги користиме салите кои се на располагање таму“, рече Стевковски.
НЏО на 23 ноември одржа концерт во Велешкиот театар со Владимир Николов.
М. ЏАРОВСКА
Фото: К.Попов