Британката Андрија Зафираку беше прогласена за најдобра учителка на светот, за што доби и награда од еден милион долари.
Триесет и деветгодишната Зафираку, која предава уметност во едно училиште во Брент во северозападен Лондон, ја прими наградата на посебна свеченост во Дубаи, на којашто присуствуваа и поранешниот потпретседател на САД, Ал Гор, Тони Блер и светскиот првак во Формула 1, Луис Хамилтон, а по пат на видео-врска ѝ честиташе премиерката Тереза Меј.
„Бев шокирана, не бев свесна дека сум јас. Училиштата би требало да бидат сигурни засолништа, но многу деца живеат во тешки услови и не јадат доволно, затоа што нивните кутии за оброци се празни. Токму училиштата треба да направат разлика, особено преку креативни предмети, како уметност. Ова често се занемарува, особено во посиромашните заедници“, кажа Зафираку.
Таа ја доби наградата во конкуренција на 30.000 учител(к)и од целиот свет и беше пофалена за нејзината работа во локалната заедница и со ученици, кои неретко ги посетува дома. За полесно комуницирање, таа научила основи на 35 јазици, меѓу кои и хинду, тамилски и гуџарати.
„Оваа мешавина од народи и јазици во овој дел од северен Лондон е прекрасен предизвик“, вели таа.
Брент е едно од етнички најразновидните места во Велика Британија и се верува дека тука се зборува на 130 јазици.