СО ДЕДО МРАЗ ПАТУВАВМЕ СО КОМБЕ НИЗ МАКЕДОНИЈА И ПОДАРИВМЕ 3.000 ПАКЕТЧИЊА ЗА СИРОМАШНИ ДЕЦА, ВЕЛИ КРИСТИНА АРНАУДОВА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
Здружението „Проект среќа“, со кое раководи поп-пејачката Кристина Арнаудова, и годинава ја организира хуманитарната акција „И јас сум Дедо Mраз“, овозможувајќи многу деца од социјален ризик да добијат пакетчиња и подароци на домашна адреса.

„Секоја година со ‘Проект среќа’ имаме и новогодишен проект за деца, бидејќи сметам дека за децата во социјален ризик, со акцент на децата кои живеат во сиромаштија, тој период е многу чувствителен. Тоа се деца кои во најголем број не ни знаат за новогодишна радост и еуфорија, елки и подароци. Токму затоа сакам тие деца да доживеат новогодишна радост, магија, да помислат дека чуда постојат и да веруваат дека подобро утре постои и треба да се борат за него“, ни рече Арнаудова.

 

Идејата да се основа ова хуманитарно здружение почнала во нејзиниот дом.

 

„Пред да го отворам ‘Проект среќа’ како здружение, со маж ми и поголемиот син, кој тогаш имаше околу 3 години, а помалиот не беше роден, правевме подароци, ќесенца со шал и капа и новогодишно пакетче и одевме по плоштади и улици и на сите деца кои просат или се оставени на улица им подарувавме. Беше тоа неверојатно чувство, кога ќе ја видиш таа емоција во нивните очи, изненадување измешано со страв и неверување дека некој нешто им подарува, а притоа не бара ништо за возврат“, вели Арнаудова.

 

Кога го отворила здружението, вели дека овој проект бил неизбежен, особено за децата во рурални средини. Арнаудова ангажирала Дедо Мраз и екипа од „Проект среќа“ да ги израдуваат тие деца.

 

„Екипата со комбе десет дена одеше низ цела Македонија и носеше подароци за огромен број деца. Во исто време проектот стана вирален, па се приклучуваа огромен број физички лица, познати личности и компании, кои донираа нови спакувани подароци, играчки, облека и пакетчиња. Канцелариите ни беа претесни. По цели ноќи селектирав подароци, ги делев и пишував кој за кое дете е. Секое дете добиваше подароци според возраста, полот и желбите. Се донираа и поделија над 3.000 подароци. Беше неверојатно. Сакавме да конкурираме и за ‘Гинис’ и ја почнав процедурата, но на крај, ни побараа поголема сума пари за апликација, која ја немавме за жал“, вeли пејачката.

 

Со акцијата продолжиле и следната година, но поради скромните донации, третата година направиле пауза. Потоа следуваа други новогодишни проекти, како „Храна за секое семејство за празниците“, за кој Арнаудова вели дека масовно се праќале пакети храна на повеќе семејства за новогодишните празници.

Кристина Арнаудова со асистентката од „Проект среќа“, Благица, на една од хуманитарните акции (Фото: Фејсбук)

„Годинава решив да пробам да го ревитализирам ‘И јас сум Дедо Мраз’. Има доста пријавени донации, досега за околу 150 деца, а уште се пријавуваат. Ја нема таа еуфорија како првите години, но проектот си тече. Се забележува дека компаниите не се вклучуваат последниве неколку години, а и јавните личности не се пријавуваат. Не сум некој кој прави притисок, сакам луѓето да се вклучуваат затоа што сакаат искрено, а не затоа што им е наметнато. Како и да е, сигурна сум дека заеднички ќе обезбедиме новогодишна радост за сите пријавени деца, бидејќи ‘Проект среќа’ во сите овие години постоење најголемата поддршка ја има од oбичниот народ, физичките лица, кои секогаш се со нас, ни веруваат и ја поддржуваат нашата мисија“, додава Арнаудова и се сеќава на многу тажни приказни од работењето на здружението.

 

„Уф, има многу такви приказни. Скршени детства, семејства, мајки со солзи во очите кои немаат ни за оброк за децата, избркани на улица. Деца кои доаѓаат на летниот камп со ќесенце во рака, немаат ни обувки, ни облека. Благодарноста која со нивните прегратки ми ја изразуваат е бесценета. Има еден момент кој нема да го заборавам. Бевме на летен камп, ‘Шарено лето’ во Охрид минатата година. Имаше едно девојче, убава и мила како ангел. Ми рече: ‘Јас никогаш не сум била на езеро или море. Првпат ќе се бањам. Животен сон ми е да видам зајдисонце на езеро’. Кога ми го кажа тоа, едвај ги задржав солзите“, се сеќава Арнаудова.

 

Следниот ден, нивниот пријател и хуманист Димче Каневче од Охрид за сите деца организирал прошетка со кајче на зајдисонце.

 

„Му кажав за сонот на девојчето, и двајцата возбудени го чекавме моментот на изненадувањето. Никој не знаеше дека ќе се возиме со кајче и тоа го чувавме како тајна. Кога дојдоа кајчињата и се качивме, сите деца беа во радост и возбуда, речиси никој од нив се немаше возено со кајче. Седнав до девојчето и ѝ реков: ‘Сега имаме големо изненадување‘. Кајчето тргна, пред нас сонцето магично заоѓаше во најубавите бои. Таа го гледаше и кога се сврте кон мене, очите ѝ беа полни со солзи. Ме гушна силно и ми рече: ‘Ти благодарам, мојот сон се оствари сега, ова ќе го паметам цел живот‘“, вели пејачката.

 

Како дете, таа многу ја сакала Новата година и има само убави спомени.

 

„Баба ми и дедо ми, новогодишна трпеза, јас со нив. Им благодарам за тоа засекогаш“, вели Арнаудова.

 

Не е сигурна колку нејзините синови Максим и Матео ја разбираат нејзината работа. Се труди да им објасни, иако уште не им е јасно зошто толку сака да им помага на луѓето кои немаат.

 

„Мислам дека кога ќе пораснат, ќе ме разберат. Би сакала и кај нив таа љубов да им се роди во срцата“, вели Арнаудова.

 

М. ЏАРОВСКА