Светски познатиот дизајнер Мирко Илиќ денеска (5 декември) од 20:30 часот на Архитектонскиот факултет во Скопје ќе одржи предавање на тема „Дизајн активизам“, а утре во 19:30 часот ќе се отвори изложбата на постери „Толеранција“.
Проектот „Tolerance“ е најмасовната изложба на постери во светот која досега е видена од преку 600.000 луѓе во САД, Бразил, Јапонија, Кина, Германија, Словенија, Аргентина, БиХ, Италија, Хрватска и Португалија. Илиќ се инспирирал да го започне овој проект по филмскиот фестивал „Куќа на толеранцијата“ во Словенија во 2017, кога побарал од 28 уметници да направат постер за толеранција, при што единствениот услов бил да напишат „толеранција“ на нивниот мајчин јазик.
Секогаш кога проектот за толеранција се појавува во нов град локалните дизајнери придонесуваат за проширувањето на каталогот на уметнички дела. Македонскиот дизајнер кој го изработи плакатот на оваа тема за изложбата во Скопје е Никола Војнов.
Илиќ, кој е роден во Босна во 1956, е стрип-уметник и графички дизајнер кој живее во Њујорк. Кариерата ја започнал во Југославија, каде што станал истакната фигура на загрепското движење Нов бран, дизајнирајќи омоти за албуми на бендови како „Бијело дугме“ и „Прљаво казалиште“, како и постер за култниот филм „Кој тоа таму пее?“. По преселбата во Њујорк во 1986, Илиќ илустрирал за „Тајм“, „Њујорк тајмс“, „Вол стрит џурнал“…
Илиќ и изложбата „Толеранција“ во Скопје ги носат „Види Вака раскажувачко студио“ и Фондацијата ИДЕА Југоисточна Европа.
(Фото: Би-Би-Си)