Алиција Викандер ја трансформираше својата нежна балетска фигура во атлетско тело за улогата на Лара Крофт во новото издание на „Томб рајдер“ и притоа најмногу фасцинира фактот дека за само четири месеци успеала да набие 5,5 килограми чиста мускулна маса.
„Морав да совладам голем број вештини. Со вежбите почнав четири месеци пред почетокот на снимањето, а и потоа секој ден бев во теретана. Пред оваа улога одев само на јога, пилатес и на кардиовежби, а сега морав да изградам мускулна маса. Ми се допадна тоа. Порано никогаш не можев да ја кренам мојата тежина“, вели шведската актерка.
За да се подготви за улогата на Лара Крофт, таа била подложена на методот Магнус. Станува збор за интензивен план на тренирање, осмислен од Магнус Лигдбек за потребите на професионални спортисти.
Работејќи со Викандер, Лигдбек се фокусирал на кревање товар, качување и на мешани боречки вештини, а првиот состанок го имале шест месеци пред почетокот на снимањето.
Алиција притоа секој ден станувала во четири часот наутро, одејќи прво на вежбање, пред шминкањето за улогата.
„Од нула стомачни и склекови, таа дојде до степен да може да прави голем број од нив. Таа не само што изгледаше силно, таа навистина беше таква. Но, диетата е дури и поважна од физичкиот тренинг“, вели Лигдбек.
Таа имала само еден ден во неделата кога смеела да јаде „нездраво“ и изборот најчесто ѝ била пица.
„Тоа ми беше првата мисла секој пат кога станував во недела“, признава Викандер.