ФИЛМСКИОТ ФЕСТИВАЛ ВО КАН ЗАБРАНИ СЕЛФИ НА ЦРВЕНИОТ ТЕПИХ

Кан, (Вараети)

Тери Фремо, директорот на Канскиот филмски фестивал, го промени протоколот за претстојното издание, при што ги укина утринските проекции на филмовите и забрани селфи на црвениот тепих.

Според новиот план, критичарите и новинарите ќе ги гледаат филмовите во театарот „Дебиси“ во исто време кога и гостите на вечерната светска премиера. Промената е направена за да се зголемат престижот и тежината на гала премиерите.

Фестивалот во Кан, кој во мај го слави своето 71. издание, беше познат по жестоката критика, која со раните рецензии може да ги зголеми или уништи перспективите на филмовите уште пред нивната премиера. Поради оваа практика, некои филмаџии и студија се свртеа кон други фестивали, како Венеција и Торонто.

Фремо, исто така, се обидува да ја укине практиката на правење селфи на црвениот тепих.

„Тривијалните аспекти и нередот од правењето селфи го намалуваат квалитетот на искуството на црвениот тепих и на фестивалот во целина“, кажа тој.

Годинашниот фестивал почнува еден ден порано, во вторник на 8 мај, а филмовите во официјалната селекција ќе бидат објавени на 12 април.