ТРПЧЕСКИ СО „МАКЕДОНИСИМО“ ВО РОМАНИЈА ЈА ПОЧНУВА КОНЦЕРТНАТА ГОДИНА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Пијанистот со светско реноме Симон Трпчески утре (17 јануари) ја почнува годинашната концертна сезона во Темишвар, Романија, со оркестарската изведба на проектот „Македонисимо“. Во придружба на Симфонискиот оркестар на Филхармонијата Банатул од Темишвар, под диригентство на Раду Попа, квартетот „Македонисимо“ ќе го сочинуваат и Владимир Крстев на виолина, Александар Сомов на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал и Влатко Нушев на удиралки.

Здружението „КултурОп“ најавува дека на 18 јануари Трпчески почнува со својот мастерклас на Конзерваториумот за музика и балет во Љубљана, додека концертните ангажмани ги продолжува во февруари со настапот во Нови Сад како солист на Војводинската филхармонија со диригентот Габриел Бебешелеа.

Следуваат три концерти во Балтимор со Симфонискиот оркестар под диригентство на Кристијан Мачелару (на програмата е Концертот за пијано и оркестар број 1 од Сергеј Рахманинов) и две вечери во салата „Бетовен“ во Штутгарт како солист на тамошниот филхармониски оркестар со маестро Јан Вилем Де Фриенд.