НЕМАВМЕ ПАРИ ЗА ЖИРИ, ПА ПУБЛИКАТА ГЛАСА, НИКОЈ НЕ НÈ ПОДДРЖА ЗА 15. ИЗДАНИЕ НА АНИМАКС, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ КУЗМАН КУЗМАНОВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Дваесет и четири куси анимирани филмови се прикажуваат на фестивалот Анимакс Скопје фест, кој се одржува по 15. пат во Кинотеката на Македонија. Фестивалот завршува вечерва (31 јануари), а публиката е во улога на жири и по проекциите гласа за омилените анимирани филмови од Шпанија, Италија, Израел, Полска, Русија, Германија, Латвија, Шри Ланка и други земји.

„Годинава го славиме 15-то, панкерско издание на Анимакс. Велам панкерско, затоа што никој не нѐ поддржа финансиски, па го направивме ова лого ‘Анимакс не е мртов’ во стилот на ‘Панкот не е мртов’. Немавме средства да платиме жири годинава, затоа публиката е жири и ќе победат филмовите кои имаат најмногу гласови од публиката. Имаме редовна публика и паметам дека на едно од претходните изданија имаше и свршувачка. Едно момче ја побара за жена својата девојка на Анимакс, каде што се запознале, па потоа заедно доаѓаа на фестивалот“, ни рече режисерот Кузман Кузмановски, еден од основачите на Анимакс.

Кузмановски вели дека од следната година, тој се повлекува од организацијата и фестивалот им го предава на неговите синови Васил и Илија. На претходните изданија имало и работилници, на кои децата учеa како се прави цртан филм, правејќи фигури по свој избор.

Сцена од документарниот филм „Она што ми се допаѓа кај тебе“ (Фото: Фејсбук)

Во рамките на фестивалот сношти беше промовиран документарниот филм „Она што ми се доапаѓа кај тебе“ (What I Like About You). Овој младински документарен филм следи млади луѓе од различни етнички средини кои ги споделуваат своите перспективи и искуства. Преку интервјуа и лични анегдоти, филмот истражува теми како што се идентитет, пријателство и културна припадност, а учествуваат и психолози.

„Со овој филм сакавме да ја вратиме вистинската маалска дружба помеѓу младите и да ги поттикнеме да се прифатат меѓусебе какви што се“, рече режисерот на филмот Кузман Кузмановски.

Во филмот глумат млади од филмското училиште „Тинтири минтири“. Проектот е работен со поддршка на Европската младинска фондација при Советот на Европа и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

М. ЏАРОВСКА