ДРАМСКИОТ ТЕАТАР ОД СКОПЈЕ ОБЈАВИ КОНКУРС ЗА НОВ ТЕКСТ ОД АВТОР ДО 30 ГОДИНИ, НАГРАДАТА „ГОРАН СТЕФАНОВСКИ“ Е ИЛЈАДА ЕВРА

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

Од 6 февруари ќе биде отворен конкурсот за нов драмски текст во Драмскиот театар во Скопје. Станува збор за востановување на наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од македонски автор до 30 години.

Конкурсот ќе трае 15 дена, а наградата изнесува 60.000 денари. Драмски има обврска да го постави текстот во следните две сезони.

Директорот на Драмски театар, Роберт Вељановски, вели дека за спроведување на изборот за најдобар драмски текст е задолжена петчлена комисија, а победникот ќе биде објавен во пресрет на 27 април, роденденот на Горан Стефановски. Право на учество на конкурсот имаат македонски државјани на возраст до 30 години, сметано до денот на завршувањето на пријавувањето.

„Конкурсот има за цел да ја афирмира современата македонска драма, да го поттикне македонското драмско творештво и да го одржи континуитетот на македонското драмско писмо. Пријавениот драмски текст треба да биде неизведуван и оригинално авторско дело, а не драматизација или адаптација на романи, новели или мотиви на постојни драмски дела“, вели Вељановски.

Вељановски рече дека од 1974, кога се постави праизведбата на „Јане Задрогаз“ во режија на Слободан Унковски, до праизведбата на „Огнени јазици“ во 2013, исто така во режија на Унковски, на сцената на Драмски театар се поставени 15 премиери од Стефановски, од кои осум се праизведби.

„Идејното решение за конкурсот е направено од Дарија Пројковска и Бранко Прља со помош на вештачка интелигенција, со идеја да се мотивираат што повеќе луѓе да ги користат ВИ моделите во други креативни проекти“, вели Вељановски.

Б. НЕСТОРОСКА