ВЛАДО ЈАНЕВСКИ СНИМИ СПОТ ЗА НОВАТА ПЕСНА „ТВОЈ ЗАСЕКОГАШ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Владо Јаневски сними спот за песната „Твој засекогаш“, која ја промовираше на почетокот на јануари. Јаневски е автор на музиката и текстот на песната, а аранжманот е на хрватскиот композитор Никша Братош.

Песната е снимена во студиото „НБ“ во Загреб и во скопското студио „Ентерпрајс“ на Валетино Скендеровски. Видеото го сними „Томато продукција“.

Јаневски ќе има настап во Скопје во повод денот на вљубените, во клубот „Интермецо“ од 20 часот.

Кантавторот прослави 30 години музичка кариера со пет концерти во Скопје и еден во Охрид одржани во 2023 и 2024. Пред три години, тој од скопски Чаир, што го опеа во песната „Чаирска романтика“, се пресели во Гевгелија.

„Моја публика се оние кои одвоиле време и пари и купувале мои цедеа и влезници за моите концерти, понекогаш и два месеца однапред. Е, тие знаат дека не постои една песна која е ‘нај Владо Јаневски’, туку ме наоѓаат во секој стих од секоја моја песна“, ни рече Јаневски претходно.