„РОЗЕН“ СЕ ВРАТИ ПО ДВЕ ДЕЦЕНИИ И ДОБИ ЛИЧНА ЧЕСТИТКА ОД ТРАМП

Лос Анџелес, (Гардијан)

Доналд Трамп лично ѝ се телефонирал на актерката Розен Бар за да ѝ честита на успешното враќање на нејзината истоимена серија, чија премиера привлекла 18,4 милиони гледачи.

Американскиот претседател сакал истовремено да ѝ се заблагодари за поддршката, имајќи предвид дека и Бар и ликот што го игра се поддржувачи на Трамп.

Бар изјави дека била многу возбудена кога ѝ се јавил Трамп.

„Тој ми се заблагодари и ми честиташе на одличниот рејтинг на серијата. Ми кажа дека е многу среќен поради мене. Се познаваме долги години и тој има направено многу убави работи за мене“, изјави Бар.

Повикот го потврди и портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс.

„Розен“, која освои три златни глобуси и имаше девет сезони претходно, се врати на малите екрани по повеќе од две децении. Првата, еден час долга епизода имаше десет отсто поголема гледаност од финалето во мај 1997 година.