БРАНКО ЃУРИЌ-ЃУРА ЌЕ ГОСТУВА ВО БИТОЛА СО ШОУТО „ЃУРОЛОГИЈА“ НА 19 МАРТ

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Познатиот босански актер и музичар Бранко Ѓуриќ-Ѓура, по Скопје, доаѓа и во Битола со своето шоу „Ѓурологија“. Стендапот на Ѓуриќ ќе се изведе во Домот на културата на 19 март од 20 часот, два дена по настапот во Скопје, во Филхармонијата од 19:30 часот, објави „Авалон“.

„‘Ѓурологија’ е збирка на моите мисли, која на забавен начин го прикажува сето она што ме смее и забавува, но и ме нервира. Тоа е мое анти-стендап шоу, кое најмногу потсетува на директен и искрен разговор со публиката“, вели Ѓуриќ за шоуто.

Тој доаѓа во Битола и Скопје по повод 10 години од шоуто, кое е едно од најпопуларните во регионот, а го има играно и низ Европа.

Бранко Ѓуриќ-Ѓуро (62) се прослави како еден од култните ликови во серијата „Топ листа на надреалистите“. Беше и пејач и гитарист на сараевскиот рок бенд „Бомбај штампа“. За време на војната во поранешна Југославија се пресели во Словенија, каде што сè уште живее и води продуцентска куќа. Има глумено во филмовите „Дом за бесење“, „Како пропадна рокенролот“, „Бал-кан-кан“ на Дарко Митревски и „Во земјата на крвта и медот“, кој го режираше Анџелина Џоли.

Билетите за настапите во Битола и во Скопје се продаваат на karti.com.mk.

Ж. ЗДРАВКОВСКА

 

Фото: Шпанцирфест