Фестивалот Денови на македонска музика се отвора на 17 март од 20 часот во малата сала на Филхармонијата. Ќе настапи Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски – Ѓумар“ со кој ќе диригира
Ангел Спироски.
Како солисти настапуваат: Мила Јаневска – сопран, Хелена Суша – сопран и Калина Христовска на перкусии
На програмата се дела од Стојан Стојков „Сумерски записи“, Јана Андреевска – „Мандала“, Гоце Коларовски – „Панаѓур“ и Тома Прошев – „Темпера 2“.
„Оваа година, отворањето на фестивалот е во знакот на најмладата генерација музички уметници, кои со својата свежина и креативен потенцијал внесуваат нови звучни перспективи во изведбите на современото творештво“, велат од Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ). Влезот е слободен.
Фестивалот се одржува по 48. пат до 8 април на три локации во Скопје: Филхармонија, Музеј на македонската борба и Национална опера и балет.
(Фото: Охридско лето)