Издавачката куќа „Кафе де Анатолиа“ е номинирана за музичките награди Битпорт во категоријата Hype Label of the Year. Доделувањето ќе се одржи на 24 април на Ибица, Шпанија.
„Оваа номинација е историски момент за македонската електронска музика, бидејќи досега ниту еден македонски издавач или музичар не бил номиниран на глобално ниво за ваква престижна награда. Категоријата Hype Label of the Year е за издавачки куќи кои покажуваат исклучителни креативност, оригиналност и глобално влијание“, велат од „Кафе де Анатолиа“.
Издавачката куќа „Кафе де Анатолиа“ е основана од Моника Илиева, Никола Илиев (Nickarth/Rialians On Earth) и Зоран Илиев (Billy Esteban) од Виничко, кои создаваат органик хаус музика со етно елементи.
„Хаус музиката со етно елементи од различни култури од целиот свет станува тренд во музичката индустрија, а ние сме едни од главните промотори и носители на сцената, со музички каталог од 6.000 траки и спектар од над 4.000 диџеи“, ни рече Илиева претходно.
М. ЏАРОВСКА