ЕДВАЈ СТАНУВАВ ОД КРЕВЕТ ПО РАЗВОДОТ ОД ШВАРЦЕНЕГЕР, ПОСЕТУВАВ ИСЦЕЛИТЕЛИ И ЦРКВА, ВЕЛИ МАРИЈА ШРАЈВЕР

САД, (Пипл)

Марија Шрајвер се присети на „бруталниот“ крај на бракот со Арнолд Шварценегер пред промоцијата на нејзината нова поетска книга „Јас сум Марија, поранешната новинарка“, Шрајвер поднесе барање за развод во 2011 година по 25 години брак.

„Не бев во емоционална форма да напишам книга. Едвај можев да станам од кревет“, кажа таа (69).

Шрајвер, која е мајка на четири деца, се раздели од Шварценегер откако дозна дека тој добил дете со друга жена. Додека се справувала со крајот на бракот и кариерата, како и со смртта на нејзините родители во 2009 и 2011, авторката вели дека била обземена од тага.

„Ми се чинеше дека бев во пекол. Мојата работа како прва дама на Калифорнија заврши. Татко ми почина. А, потоа дојде уште еден разурнувачки удар кој ми го промени животот, мојот 25-годишен брак заврши. Тоа ми го скрши срцето, ми го скрши духот, го скрши она што остана од мене. Бев збунета и обземена од тага, лутина, страв и вознемиреност. Не бев сигурна која сум и каде припаѓам. Искрено, беше брутално и бев преплашена“, рече таа.

Шрајвер додаде дека во тој период одела кај терапевти, исцелители и јасновидци, но и во црква.

Шварценегер претходно зборуваше за заедничкото старателство на неговите деца и внуци со поранешната сопруга.

„Моето поглавје со Марија ќе продолжи засекогаш. Нема причина да чувствувам нешто друго освен љубов кон неа“, кажа актерот и поранешен гувернер на Калифорнија во 2023.