„Тивко место“, во режија на Џон Красински, имаше не така тивко деби на кино-благајните, остварувајќи приход од 50 милиони долари во првиот викенд од прикажувањето, што е еден од најдобрите стартови на хорор-филм досега.
Филмот на „Парамаунт“, кој имаше буџет од 17 милиони долари, ги надмина очекувањата, кои се движеа околу 30 милиони, забележувајќи го вториот најдобар старт оваа година, зад „Црниот Пантер“.
„Од првата проекција знаевме дека имаме нешто посебно. Но, ваков успех не би бил можен без извонредна приказна. Едвај чекаме да видиме што уште може да ни понуди Красински“, кажа шефот на дистрибуцијата на „Парамаунт“, Кајл Дејвис.
Красински и неговата вистинска сопруга Емили Блант се главните ѕвезди на филмот, во којшто четиричленото семејство Абот мора да живее во тишина поради мистериозни суштества, кои реагираат и ловат на звук.
Тивкиот свет на „Тивко место“ стана уште поавтентичен, благодарение на мудриот кастинг на Красински, кој за една од своите филмски ќерки ја избра 15-годишната глува актерка Милисент Симондс.
„Отсекогаш постоеше глув лик во сценариото, но Џон инсистираше тоа да биде Милисент. Таа дојде на снимањето и сите нѐ научи знаковен јазик. Тоа беше неверојатно и донесе дополнителна длабочина на филмот“, изјави сценаристот Скот Бек.
Милисент го изгубила слухот уште како бебе и денес на Јутјуб има канал преку кој подучува други на фрази од знаковниот јазик.