ПРОФЕСОРИТЕ БЛАЖЕ КИТАНОВ И ВЕСНА МОЈСОВА-ЧЕПИШЕВСКА ЈА ДОБИЈА ГОДИШНАТА НАГРАДА „АЦО ШОПОВ“ ВО ШТИП

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Професорите Блаже Китанов од Штип и Весна Мојсова-Чепишевска од Скопје ја добија наградата „Ацо Шопов“, која секоја година се доделува по повод 20 април, денот на смртта на поетот Ацо Шопов. Ја доделува Центарот за култура „Ацо Шопов“ од Штип, каде што се наоѓа и неговата спомен-соба.

„Има еден стих од Шопов кој вели: ‘Мртвите ќе умрат тогаш кога и нивната песна’. Затоа Ацо Шопов и неговата поезија се безвременски“, рече Китанов, кој речиси целиот свој живот го посветил на ликот и делото на Ацо Шопов и на таа тема докторирал.  

Според Китанов, Шопов со својата поезија предупредувал на губењето на идентитетот.

„Има една песна од Шопов која сѐ уште не е објавена во стихозбирка, а се вика ‘Голема е твојата песна’. Уште тогаш тој искажа страв од можноста да ја загубиме оваа татковина“, вели Китанов.

За признанието се заблагодари и професорката Весна Мојсова-Чепишевска, која во спомен-собата на големиот македонски поет во Штип ја промовираше нејзината нова книга „Час по незадолжителна лектира“. Промотор беше Иван Антоновски.

Т. ЈОВАНОВСКИ