Тамара Тодевска вели дека самата си купила билет за нејзиниот хуманитарен концерт, што ќе се одржи на 8 мај во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје. Поп-пејачката вели дека гратиси за никого нема да има зашто парите од продадените влезници ќе одат за настраданите во пожарот во Кочани на 16 март, во кој загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени.
„И јас си купив карта за својот концерт и уште еднаш донирав за погодените семејства во Кочани. Но, има и такви кои и за ваков концерт бараат гратиси. Дечки, нема гратиси, правиме хуманитарен концерт за Кочани“, напиша Тодевска на социјалните мрежи.
„Се подготвувам за хуманитарниот концерт, и јас и мојот бенд, целиот тим сме возбудени и пред голема одговорност да создадеме едно посебно и уникатно музичко искуство за публиката. Да, има и барања за гратиси, но силно верувам дека има многу повеќе хумани и солидарни луѓе, општествено одговорни компании кои купуваат влезници преку ‘МК тикетс‘ и на тој начин донираат за погодените од трагедијата во Кочани. Ги повикувам сите кои сакаат да помогнат, но и да поддржат македонска музика да купат карта. Да покажеме лична одговорност и свест“, ни рече поп-ѕвездата.
За да мотивира што поголем број луѓе да купат билети, таа направи предизвик на Инстаграм.
„Купете си билет преку ‘МК тикетс‘. Објавете слика од билетот со ознаката #ДонирајЗаКочани со покриен баркод. Покажете дека сте поинакви и во вистинска смисла на зборот хумани и солидарни“, вели Тодевска и додава дека е среќна и задоволна што продажбата на билети оди добро.
Претходно, Тодевска ни рече дека првичната идеја за овој концерт била на татко ѝ Велко Тодевски, пензиониран професор по контрабас на Факултетот за музичка уметност.
„Големо благодарам до сите оние кои купија карти и на тој начин донираа за Кочани. Тука се голем број на искрени мои фанови, најблиски, ама буквално најблиски соработници, пријатели, колеги, другари и другарки и многу други. Вие сте луѓето и тимот за цел живот“, вели Тамара Тодевска.
М. ЏАРОВСКА
Фото: К. ПОПОВ