Да се подигне текстилната насока при средното општинско училиште „Таки Даскало“ во Битола на повисоко ниво е целта на „Креативен ден“, што на 28 мај по четврти пат ќе се одржи во Битола. И овојпат, учениците од текстилниот отсек и основци ќе дизајнираат облека заедно со познати македонски дизајнери, а годинашната тема е ориент.
Настанот ќе се одржи во Битолскиот театар и ќе учествуваат 32 екипи од 11 градови и девет стручни училишта.
„Креативен ден“ е настан по иницијатива и идеја на Весна Божиловиќ, продуцентка и дизајнерка од продукцијата „Божиловиќ“, на која од првиот настан се приклучија професорките Анита Стефановска, Ема Ќука и Живка Танушевска од СОУ „Таки Даскало“.
Организаторите велат дека целта е промоција на стручните училишта кои овозможуваат да се поттикне претприемништвото, а младите да бидат активни во заедницата, создавајќи свои бизниси. „Креативен ден“ влијае врз промената на мислењето дека текстилната струка претставува само шиење на машина, туку дека учениците се стекнуваат и со вештини за дизајнирање сопствени модели и колекции и за нивна техничка и конструкциска подготовка и изработка. Со програмите се опфатени и техники на рачна изработка, како везење, плетење, ткаење, боење и печатење на текстилни материјали, со кои младите дизјанери им даваат уникатност на сопствените дизајни.
Претходно беше распишан и ликовен конкурс за моден дизајн од ориентот, на кој стигнаа голем број цртежи од ученици од Битола, а наградените творци ќе бидат специјални гости на „Креативен ден“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА