Сликовницата „Стари детски игри“ го освои првото место на Националниот натпревар за најдобри ученички компании за учебната 2024/25 година. Како победници, учениците од ученичката компанија „Playful Pages“ од средното училиште „Јовче Тесличков“ од Велес ќе учествуваат на Европскиот натпревар во јули.
Организатор на натпреварот беше „Junior Achievement“. Сликовницата беше промовирана ден пред натпреварот во Медиотеката на Велешката библиотека. Изработена е за децата со типичен развој и втората е инклузивна, која опфаќа фонт за дислексија, симболи и аудио и видеосодржини за деца со потешкотии во читањето.

„Учениците од компанијата имаа задача да симулираат работење бизнис колку што е можно пореално. Тие создадоа компанија која создава игри и едукативни материјали. Сликовницата е со стари детски игри, како што се криенка миженка, кцканка, калодонт, волкот и јагнињата. Учениците направија истражување и сфатија дека децата не ги знаат овие игри, тие се подзаборавени и не знаат да ги играат. Собирааа усни преданија, ги документиравме и создадовме автентични цртежи со дигитално пенкало. Така 25 традиционални стари игри се зачувани, да останат како дел од нашето културно наследство“, кажа Радмила Андовска, професорка по стручни економски предмети во училиштето.
Таа беше менторка за изработка на сликовницата помогната од колешката Каролина Манаскова. Автори се учениците Ива Петровска, Ангела Анастасова, Симона Крстевска, Искра Ризовска, Максим Чукниев и Данче Лазов.
На сликовницата има код со чие вчитување може да се добијат видео и аудиоиздание, кои се наменети за децата со проблеми со видот и слухот. Во видеоизработката на игрите учествуаа учениците од четврто одделение од ОУ „Панко Брашнаров“ во Велес.
П. ПЕЧКОВ