Над 600.000 денари (над 10.000 евра) се собрани на синоќешниот (8 мај) концерт на пејачката Тамара Тодевска од влезниците кои ги купија граѓаните преку мрежата на МКтикетс и преку граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“ сите ќе бидат донирани за семејствата погодени од пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март со 62 жртви и 200 повредени, соопшти нејзиниот тим. Хуманитарниот концерт се одржа во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.
„Утринава се разбудив со неверојатно чувство на благодарност. Уште еднаш, сакам да се заблагодарам на сите добри луѓе кои вчера беа во МКЦ, на сите мои верни фанови, поддржувачи, колеги-музичари, новинари…, на сите кои одлучија да поддржат квалитетна македонска музика и да донираат за Кочани. Вчеравечер потврдивме дека само музиката и уметноста ја имаат моќта да обединат, да мобилизираат луѓе од сите генерации околу вистински
вредности, а за една цел – помош и поддршка. Изминативе месеци беа особено тешки за семејствата погодени од трагедијата, но и за сите граѓани на Македонија, затоа што сите сочувствуваме со она што се случи во Кочани. Чувствував обврска и одговорност да направам нешто, да помогнам преку мојата професија и тоа што најдобро знам да го правам. Задоволна сум што имавме достоинствен музички концерт и што собравме дополнителни средства за оние на кои им е најпотребно. Да останеме хумани, да слушаме македонска музика и да си помагаме меѓусебно“, изјави Тамара.