ВО АТИНА СЕ ОТВОРА МЕЃУНАРОДНА ИЗЛОЖБА СО СЛИКАРКИ ОД МАКЕДОНИЈА, СРБИЈА, ГРЦИЈА И КИПАР

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

Меѓународната групна изложба со жени-уметници од Македонија, Грција, Србија и Кипар, насловена „Скриеното трето: Некаде помеѓу присуството и отсуството“ ќе се отвори денес (13 мај) во Галеријата „Арт проџект спејс“ во Атина и ќе трае до 6 јуни. Изложбата ја организираат Националната галерија на Македонија (НГМ) во соработка со Галеријата.

Во октомври, изложбата ќе биде презентирана на македонската публика, а делата ќе бидат изложени во Мултимедијалниот центар Мала станица. Кураторки на изложбата се Ана Франговска, кустос советник во Националната галерија на Македонија и независната историчарка на уметност од Грција, Ники Папаспиру.
„Изложбата се развива долж имагинарна оска што се протега од Белград до Никозија, со Скопје и Атина како клучни точки во оваа геополитичка и културна поврзаност. Тринаесетте македонски, грчки, српски и кипарски уметнички ќе претстават дела во медиуми како што се просторни и звучни инсталација, видеа, објекти, слики, цртежи и перформанс. Изложбата создава феминистички простор на соживот, отпор и прекомпонирање, потенцирајќи ја важноста на уметничкиот израз во постојано променливиот свет“, велат од НГМ.

Учествуваат: Слободанка Ступар, Аница Вучетиќ, Дарија С. Радаковиќ, Анита Аргироилиопулу, Ефи Фурики, Катерина Евангелаκу, Моника Мотеска, Вана Урошевиќ, Дијана Томиќ, Славица Јанешлиева, Клица Антониу, Марина Касианиду и Елина Јоану.