ДРАМСКИ ТЕАТАР СО ПРЕТСТАВАТА „ГИДИОНОВИОТ ЈАЗОЛ“ ГОСТУВА ВО САРАЕВО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Драмски театар со претставата „Гидионовиот јазол“ на 16 мај гостува во Сараево, Босна и Херцеговина. Од 12 до 17 мај во организација на Камерни театар 55 во БиХ се одржува регионалниот театарски фестивал РУТА.

Премиерата на „Гидионовиот јазол“ беше на 9 мај во Скопје и гостувањето во Сараево ќе биде петта изведба и прво гостување на претставата во странство. По претставата со актерите и уметничкиот дел од екипата ќе се организира тркалезна маса, отворена за новинарите и театарската публика.

Режисерка е Драгана Милошевски- Попова, а претставата е работена по текст на Џона Адамс. Драматург е Викторија Рангелова- Петровска, инспициент Гоце Бојчев, а суфлер Жаклина Цветковска.

Улогите ги играат: Биљана Драгиќевиќ Пројковска, Ања Митиќ и децата од Студиото за актерска игра „Прва проба“, Саша Димитриевска, Леа Стојков, Мина Ѓаку, Ина Прокоповска, Катја Бешлиева, Бистра Стефановска, Јана Нешевска, Матеј Марковски и Јоанис Далајоргос.

Режисерката Драгана Милошевски Попова вели дека претставата е моќна и вознемирувачка приказна за вината, одговорноста, тагата и сложениот однос во комуникацијата, како и состојбите во образовниот систем и проблемите со кои се соочува детето низ периодот на детството.

Следните изведби на претставата „Гидионовиот јазол“ се на редовниот репертоар на Драмски на 23 и на 31 мај.