Со стендап шоуто сношти (31 мај) во Филхармонијата, Бранко Ѓуриќ- Ѓуро докажа зошто е еден од најдобрите комичари во поранешна Југославија.
Легендарниот лик од култните „Топ листа на надреалистите“, фронтмен на бендот „Бомбај штампа“, режисер и актер, Ѓуриќ во Скопје дојде по повод 10 години од шоуто „Ѓурологија“, кое е едно од најпопуларните во регионот, а го има играно и низ Европа и светот.
На едноставен и оригинално духовит начин, Ѓуро зборува за нештата кои го нервираат: чудните сцени во американските филмови, нелогичните стихови во детската поезија, за неговата младост и детство во Сараево, песните кои биле хитови во поранешна Југославија.
„Ме примија на Академија за глума од четврти пат. Од колегата Саша Петровиќ научив како да вметнам паузи во монологот од Шекспир. Додека молчиш пред комисијата, ти пцуеш во себе“, рече Ѓуро, а ова беше само еден од монолозите кои публиката ја насмеа буквално до солзи.

Слушнавме совршени имитации на Раде Шербеџија, Бата Живојиновиќ, Жељко Бебек, Горан Бреговиќ, Том Џонс и други ликови во кои Ѓуро со леснотија влегува. Еден од нив беше и легендарниот македонски актер Петре Прличко, поточно како во главата на Ѓуро звучи диалог помеѓу Бата Живојиновиќ и Петре Прличко во партизански филм.
Интеракцијата со публиката му е толку природна што во секој момент било кој може да си помисли дека токму нему му се обраќа, а имитирајќи го Том Џонс дури и во комична точка, Ѓуриќ ја покажа својата убава боја на глас и музички талент.
Иако за време на војната во Југославија се пресели во Словенија каде што сега режира и глуми a живее со сопругата и ќерката, Ѓуро не го изгубил познатиот босански шарм и привилегија е што пак ни беше на гости. Ѓуро не е само комичар, тој има глумено во филмовите „Дом за бесење“, „Како пропадна рокенролот“, „Бал-кан-кан“ на Дарко Митревски и „Во земјата на крвта и медот“, кој го режираше Анџелина Џоли.
„Ѓурологија“ во Скопје ја организираше „Авалон“, а на 30 мај истата претстава гостуваше во Битола.
М. ЏАРОВСКА