УМЕТНИЦИТЕ МИЉОВСКА, ПОЦЕСКА И ЧАПОВСКА СО ПРВА ЗАЕДНИЧКА ИЗЛОЖБА ВО ЧИФТЕ АМАМ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во Чифте амам, објект на Националната галерија на Македонија (НГМ), се отвори изложбата „Просторност и темпоралност“. Кураторка е Сузана Милевска.

Станува збор за прва соработка помеѓу три еминентни уметници: Татјана Миљовска, Валентина Поцеска и Виолета Чаповска. Во фокусот на нивната изложба се истражувањата на заемните реципрочни врски помеѓу категориите просторност и темпоралност и начините на кои тие се манифестираат во нивните уметнички практики и специфични визуелни јазици.

„Важно е да се нагласи дека не станува збор за некое мистично или метафизичко обмислување на комплексната категорија време-простор, што ни е најмногу позната од физиката и филозофијата. Делата вклучени во оваа изложба пристапуваат кон просторноста и темпоралноста со специфични уметнички методи на истражување и укажуваат на нивната релевантна примена во студиите на меморијата, субјективноста и емотивното и интелектуалното позиционирање. Самите дела се концептуализирани поединечно и се изведени во различни уметнички медиуми: како што се просторни инсталации и интервенции (Миљовска), сликарство и колаж (Поцеска) и видеоперформанс (Чаповска)“, вели Милевска.